Кинескиот јуан го достигна четиригодишниот минимум по одлуката на тамошните власти да ја девалвираат националната валута поради зајакнување на конкурентноста на извозот, пишува Reuters.
Одлуката на кинеските власти, која што е еднократен потег, предизвика скок на американската валута на меѓународните валутни пазари, додека на азиската берза акциите постојано флуктуираа.
Кинеската централна банка го позиционираше јуанот во однос на доларот на ниво од 6,2298 јуани, што е девалвирање на неговата вредност за 2%.
Девалвацијата на јуанот следи по низата лоши макроекономски показатели што ги прикажа кинеската економија. Извозот на втората светска економска сила во јули се намалил за дури 8,3%, а лоши резултати покажа и индексот на цените, којшто во јули се намали за 5,4% во однос на истиот период лани.