Субрата Рој, бизнисменот од Индија, кој сака да инвестира во туристички комплекс на Охридското Езеро и во изградба на објект во спомен на Мајка Тереза, денес повторно треба да допатува во посета на Македонија.
Милијардерот ќе биде пречекан од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој ќе го придружува гостинот за време на неговата посета на Охрид и Скопје.
Планирано е бизнисменот да ја посети локацијата каде е предвидена изградбата на туристичкиот комплекс и да разговара со владини претставници во врска со евентуалните можности за други економски инвестиции, меѓу кои и во областа на земјоделството.
Рој два дена ќе престојува во Охрид, а посетата на Македонија ќе ја заврши во Скопје в петок.
Компанијата Сахара Индија Паривар, чиј сопственик е Субрата Рој, достави предлог за изградба на суперлуксузен туристички комплекс Сахаријан Македонија, кој предвидува луксузен хотел на вода и апартмани од највисока класа, вили, бунгалови, марина, приватни плажи, казина и голф-терени.