Емпорио – прв трговски и бизнис центар преку јавно приватно партнерство  

77

Emporio 1
Емпорио е првиот современ трговски и бизнис центар во Македонија, резултат на јавно – приватно партнерство помеѓу општина Ѓорче Петров и градежната компанија Трансмет.

“Станува збор за трговски центар во кој веќе се познати и првите закупци – еден од најреномираните ланци на супермаркети во Македонија – Рамстор, којшто ќе биде најголем од сите маркети во тој дел од градот и ДМ, еден од најголемите синџири дрогерии во Средна и Источна Европа. Истовремено, Емпорио бизнис центарот е првиот кој ќе се гради според стандардите и ќе биде специјализиран за ИТ компаниите и кол центрите. Нашата предност е што сме лоцирани во најурбаниот дел на општина Ѓорче Петров, со директен излез на кружниот тек на бул. Ѓорче Петров и ул. Св. Воин Драшковиќ. Веднаш до центарот ќе биде лоцирана и општинската зграда. Ова е првпат да функционира ваков тип на партнерство од кое бенифит имаат граѓаните на општината. Атрактивната инфраструктура на зградата и висококвалитетната фасада совршено ќе се вклопат во околината, а Рамстор ќе понуди нешто што одамна им недостигаше на граѓаните во овој реон – супермаркет по најновите стандарди на брендот на површина од 1550 м2”, изјави Влатко Богоевски од Фортон Македонија, ексклузивен агент за изнајмување на трговскиот и бизнис центарот.

Објектот ќе биде на шест надземни и две подземни нивоа, со подземен паркинг со капацитет од вкупно 350 паркинг места. Во првото, подземно ниво на приземјето и првиот кат ќе биде сместен трговскиот центар, а вториот, третиот, четвртиот и петтиот кат се наменети за бизнис  центарот (канцелариски простор). Општинската зграда е организирана на 3 нивоа, веднаш до трговскиот и бизнис центар.

За градоначалникот на општина Ѓорче Петров, ова јавно приватно партнерство покажува дека се можни големи проекти.

“Општината ќе има најсовремена зграда, што позитивно ќе се одрази на ефикасноста на општинската администрација. Поквалитетна и побрза услуга за жителите на нашата општина е придобивката од овој проект. Јас сум повеќе од задоволен што работите се одвиваат забрзано и за година и пол ќе имаме вистинска репрезентативна зграда на општината”, изјави Сокол Митревски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.

Главен инвеститор во бизнис центарот е компанијата Трансмет. Со своето 20-годишно искуство, оваа компанија станува лидер во градежништвото поради проактивниот и иновативен однос.

“Јавното приватно партнерство ни дава за право да се наречеме првенци во ваков тип на соработка. Ова е сигурна инвестиција – симбол за развој на постоечки и нови локални и меѓународни компании. Емпорио не е уште еден шопинг центар во градот, туку нуди концепт ’сè на едно место’ за граѓаните на оваа општина. Високоопремените простории пак нудат услови за работа на компаниите што ги нема на друго место. Ќе бидеме единствени по многу нешта“,  изјави Сеад Кочан од Трансмет.

Емпорио центарот треба да ги отвори вратите за посетителите во првата половна на 2017 година.