Се повеќе компании инвестираат во енергетски проекти

53

Европа – Скопје, Контихридропласт – Гевгелија, Киро Дандаро – Битола и Беташпед се дел од компаниите кои со средства од фондот на Европската банка за обнова и развој инвестираа во проекти за енергетска ефикасност.

И бизнис секоторот и владата и финансиските институции се согласуваат дека инвестирањето во енергетска ефикасност е исплатливо и неопходно. Директорката на Европа, Савка Димитрова порача дека инвестицијата во која било компанија што доведува до заштеда на енергија претставува голем бенефит.

„Воопшто нема дилема дали треба да се инвестира, тоа е неопходна потреба и инвестицијата е многукратно корисна, од една страна се штити околината, а од друга страна се штедат средства за енергенсите“, истакна Димитрова.

За проектите за енергетска ефиканост во Македонија се предвидени 12 милиони евра. Средствата се пласираа преку Охридска банка, Халк банк и НЛБ Тутунска банка. Реализирани средства за одобрените проекти се 42,5 милиони евра. Од реализираните проекти, 10 се во доменот на енергетска ефиканост, 9 се инвестиции во одржлива енергетска ефикасност и еден е комбиниран проект. Просечен период на поврат на инвестицијата преку заштеди во Македонија изнесува 3,71 година. Дваесет отсто од средствата што ги добиваат компаниите се грант. Во програмата на ЕБОР покрај Македонија вклучени се и Босна и Херцеговина и Србија, а кредитната линија изнесува 60 милиони евра.

Елена Урумовска, директор на канцеларијата на ЕБОР во Македонија, најави дека до крајот на годината ќе бидат достапни нови средства од ЕБОР за проекти за енергетска ефикасност, кои покрај приватниот сектор, ќе може да го користат и јавните институции. Како што појасни, наместо 20% за јавните институции, грантот ќе изнесува до 15%, а за приватните компании 10%. За новата кредитна линија се уште не се избрани локалните банки преку кои ќе се пласираат средствата.

Според министерот за економија Ваљон Сарачини, ова покажува дека македонските компании почнуваат да вложуваат во енергетсата ефиканост.

„Кога ќе видите дека за една инвестиција од 900.000 евра годишните заштеди се околу 300.000 евра и повратот на инвестицијата е за околу три години, навистина е многу паметно да се инвестира во вакви проекти“, истакна министерот Сарачини.

Според евроамбасадорот Аиво Орав енергетската ефикасност кај компаниите нема да влијае само на намалување на трошоците за енергија, туку ќе ја подобри и нивната конкуреност.

„Секое едно евро инвестиција во енергетска ефикасност заштедува повеќе од две евра од трошоците за енергијаи потрошувачката на горива. Истовремено ја заштитуваме животната средина“, рече Орав.