Винарската визба Тиквеш организираше специјален вечерен настан за лауреатите и многубројните филмски работници – гости на годинешниот Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки.
Ексклузивните филмаџии, меѓу кои и македонскиот режисер Милчо Манчевски и добитникот на наградата за животно дело, кинематографот Божидар – Бота Николиќ во опуштена и неформална атмосфера во Вино бар “Буре“ во Битола уживаа во дружењето со врвните и автентични вина на Тиквеш од линијата Special Selection.
“И Тиквеш и Фестивалот Браќа Манаки, секој на свој начин, ја шират пораката за Македонија како средина која ги препознава вистинските вредности, но истовремено ја промовираат земјата во странство. Оттаму, нам ни е задоволство што можеме да ја поддржиме оваа манифестација и со тоа да придонесеме за што подобар впечаток кај ексклузивните гости на фестивалот“, велат во Тиквеш.
Соработката меѓу двата македонски бренда, едниот во филмската, а другиот во винската индустрија, се развива во годината во која Тиквеш прославува 130 години од своето постоење, а Фестивалот обележува 110 години од творештвото на браќата Манаки. Врвните и автентични вина на Тиквеш беа служени и на презентирањето на Фестивалот Браќа Манаки во Кан, во мај годинава. Со овие активности Тиквеш ја продолжува долгорочната определба за промоција на докажани вредности кои имаат значење за заедницата, меѓу кои и Фестивалот Охридско лето, Скопскиот џез фестивал, Скопскиот филмски фестивал, претставувања на македонски уметници во странство.