Училиштето НОВА ја продлабочи соработката со Италијанската амбасада

188

Potpishuvanje na memorandum za sorabotka 1

Меѓународното училиште НОВА вчера (19 октомври) потпиша меморандум за соработка со Италијанската амбасада и институтот “Данте Алигиери“ со кој во оваа образовна институција почна да се изучува италијанскиот на ниво на мајчин јазик. Статистиките покажуваат дека италијанскиот е четврт јазик по употреба и го говорат околу 70 милиони луѓе како примарен, а во НОВА од ова полугодие ќе се изучува на повисоко ниво.

“Уште од самото основање во НОВА се изучува италијанскиот поради што и голем број на наши ученици го имаат продолжено образованието на некои од најпрестижните универзитети во оваа земја. Но со меморандумот, соработката со ’Данте Алигиери’ и со Италијанската амбасада ја продлабочуваме, а италијанскиот ќе се изучува во својата изворна форма“, изјави Венера Новаковска, директорка на НОВА.

Мисијата на “Данте Алигиери“ е промоцијата на италијанскиот јазик и култура во Македонија и отворен е 1999 година. На присутните на потпишувањето им се обрати и претседателката на институтот Анастасија Ѓурчинова која воедно е и професорка на Филолошкиот факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј.

“Со НОВА соработуваме долги години наназад, но со меморандумот соработката ја продолжуваме на едно повисоко ниво. Нашите учители ќе го водат курсот кој е насочен кон италијанскиот јазик и култура, а почна од ова полугодие“, истакна Ѓурчинова.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и амбасадорот на Италија, Ернесто Масимино Белели кој посочи дека оваа свеченост е дел од Неделата на италијанскиот јазик која се одбележува во цел свет.

“Во Вашингтон гостуваат победниците на фестивалот Сан Ремо, а во Македонија се предвидени активности меѓу кои и оваа соработка со училиштето НОВА. Италијанскиот е јазик на музиката, модата, дизајнот и секако на Формула 1“, посочи Ернесто Масимино Белели.

Италијанскиот има голем број на дијалекти сепак литературната форма е базирана на тосканскиот дијалект. Покрај луѓето на кои им е примарен повеќе од 100 милиони луѓе го говорат како втор јазик.