Акција Притисни црвено копче доколку имаш имотно – правен проблем

25

Управата за имотно правни работи почна акција Притисни црвено копче доколку имаш имотно – правен проблем. Со акцијата ќе се овозможи сите физички и правни лица кои го пропуштиле јавниот повик за пријавување проблем од имотно – правна природа, од 1 до 10 овој месец  да достават барање до Управата.

“Ќе бидат дополнително контактирани од наша страна, ќе се закажуваат термини за заеднички средби и ќе се разгледуваат конкретни проблеми. На тој начин Управата и понатаму останува отворена за средби  и консултации со сите граѓани и правни лица кои имаат имотно – правни проблеми“, изјави денеска Зоран Крстаноски, директор на Управата за имотно – правни работи.

Според Крстаноски, физичките и правните лица кои се пријавиле на повикот во наредниот период ќе имаат средби со стручните тимови на Управата со цел да се најде решение за пријавениот проблем.

“Како Министерство за финансии особено ги имаме во фокус правните лица и проблемите што компаниите ги имаат со приватизацијата на земјиштето. Од 2009 година досега повеќе од 2.500 компании веќе го поминале процесот на приватизација преку одделението на Управата за имотно – правни работи, а голем дел веќе го почувствувале ефектот во делот на повластени услови за приватизација на земјиштето со попуст од 30% на цената за надоместокот за приватизација кога се плаќа во готово”, изјави Крстаноски, кој присуствуваше на отворените денови на Управата и Катастарот во Општина Гази Баба.