СКМ промовираше неколку клучни активности за следниот период

56

Стопанската комора на Македонија (СКМ) организираше Промотивен настан на кој беа промовирани неколку клучни активности во следниот период, насочени кон надградување на институционалните капацитети на Стопанската комора на Македонија, преку поврзување на науката и бизнисот од повеќе аспекти, во областа на научно-истражувачката и образовната дејност, соопштуваат од СКМ.

Исто така, на настанот беа промовирани компаниите членки кои се успешни не само во земјата, туку и во странство, и со инвестиции во производни капацитети, и имаат повеќекратно позитивен ефект врз вкупната македонска економија.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, посочувајќи го храбриот чекор на домашните компании кои во обид да го зголемат извозот, да ги оптимализираат трошоците  и да станат поконкурентни на светските пазари, преземаат инвестициски активности надвор од земјата, уште еднаш потенцираше дека клучниот проблем на регионот е што заедничките бизнис активности се сведени на минимум. Загрижувачка е ситуацијата дека нема заеднички проекти, ниту се работи интензивно на дефинирање регионални производи. Заради надминување на ваквите слабости, кои се сериозно препознаени речиси во сите земји од регионот, минатата недела во Будва, стопанските комори од регионот, во рамките на неодамна формираниот Коморски инвестициски форум (КИФ) ги дефинираа приоритетите и насоките на делување за наредниот период.

Идејата е посебен акцент да биде ставен на изработка на заеднички проекти од регионално значење, со поддршка на различните европски фондови.

На настанот во Стопанската комора на Македонија, беа презентирани инвестициските активности на 10-тина македонски компании кои се јавуваат како странски инвеститори во земјите од регионот и пошироко.

Во периодот што следи, работењето на Стопанската комора на Македонија ќе биде насочено кон зајакнување на институционалниот капацитет на Комората преку јакнење на улогата на истражувачките центри во нејзин состав. Во таа насока е и иницијативата за формирање Клуб на доктори на науки (замислен да функционира како Истражувачки центар) во рамките на Комората, што во суштина ќе значи и насочување на активностите на Комората кон истражувачки и аналитички проекти, фокусирани на повеќе различни теми кои се од значење за подобрување на деловната клима во Република Македонија на општо ниво, но истовремено, и унапредување на состојбите во различните сектори и дејности.

Притоа беше посочено дека основната идеја е непосредно од членките за членките да се овозможи експертите во различни области кои активно придонесуваат во работата на органите и телата на Комората, своите интелектуални, аналитички и творечки капацитети да ги стават во функција на подобро остварување на целите на работењето на Комората и на нејзините членки.