По минатогодишниот застој во продажбата на државните компании, оваа година Црна Гора ќе го забрза тој процес. Државниот совет за приватизација и капитални проекти на почетокот на оваа година распиша неколку меѓународни тендери за продажба на неколку компании кои се во целосна или мнозинска сопственост на државата.
Веќе се распишани тендери за продажба на 85,9% од издавачкото претпријатие Побједа, 62% на Контејнерскиот терминал на пристаништето Бар, Медицинскиот институт во Игало и Тутунскиот комбинат во Подгорица. За имотот на Побједа е заинтересиран сопственикот на сараевски Дневни аваз, додека Србија најавува дека ќе го купи Контејнерскиот терминал, но бара Црна Гора претходно да го реши проблемот со вишокот вработени во таа компанија.
Државата подготвува тендери за продажба или за давање под наем и на дел од Железарница Црна Гора, националната авиокомпанија Монтенегро ерлајнс, хотелско – туристичките претпријатија Улцињска ривиера и Будванска ривиера, фабриката за електроди во Плужине и Институтот за црна металургија во Никшиќ.
Најголем интерес кај странските купувачи има кај Монтенегро ерлајнс, но тешко дека продажбата ќе биде реализирана, затоа што државата нуди само 30% од акциите, а купците од Израел, Турција и некои други држави бараат цел пакет акции и двата аеродрома Подгорица и Тиват.