Уни банка прикажа загуба од 45,6 милиони денари заклучно со септември

uni banka

Уни банка во период од први јануари до 30-ти септември оваа година прикажа загуба од 45.633.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банката оствари добивка од 51.821.000 денари.

Како причина за загубата, во Освртот на финансиските резултати, се наведува значително поголемата исправка на вредноста на финансиските средства.

“Нето активата на банката во септември 2015 год. е на ниво од 12.468,5 милиони денари, што значи зголемување на истата за 14,1% во однос на септември 2014 година (10.930,5 милиони денари). Обврските на банката  во билансот на состојба бележат нето зголемување од 16,0%, што е пред сè резултат на порастот на депозитите на банки и обврските по кредити“, се вели во Освртот на финансиските резултати.

Нето каматните приходи, како што се наведува, во однос на септември 2014 година се зголемени од 364,4 милиони денари на 370,5 милиони денари или за 1,7% што е резултат на порастот на кредитното портфолио и покрај намалувањето на каматните стапки.

“Нето приходите од провизии и надоместоци кои изнесуваат 104,3 милиони денари се за 0,6% над нивото од септември 2014 година (103,6 милиони денари). Административните расходи во септември 2015 година достигнаа износ од 363,9 милиони денари, што значи намалување од 3,4% во однос на истиот период лани“, стои подолу во Освртот.