Соработка помеѓу Усје и Факултетот за ликовни уметности од Скопје

149

Pres na FLU i USJE_Foto Govornici_1

Поттикнување на уметничкиот израз и создавање можности и простор за креативна работа на младите уметници е главната цел на соработката што ја започнаа Цементарница Усје АД Скопје и Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитет Св. Кирил и Методија од Скопје.

Во рамките на оваа соработка студентите по вајарство под водство на професорите ќе ја прошират наставата во изработката на скулптури во бетон, кои ќе бидат во духот на урбаната и современа уметност.

За нивна реализација студентите по вајарство ќе добијат цемент и други потребни материјали што ги користат во својата работа во текот на редовната настава, а Усје дополнително ќе ги обезбеди сите машини и алати за работа на катедрата за вајарство при ФЛУ. Материјалите и опремата што ги обезбедува компанијата, освен за изработка на скулптурите, ќе се користат и во текот на редовната настава на Факултетот за  ликовни уметности.

Усје во континуитет работи на поддршка и градење на партнерски односи со заедницата во различни области. Во годината во која компанијата слави 60 години од своето постоење, покрај редовните проекти, Усје започнува и еден нов проект каков што е овој.

„Цементот на Усје е составен дел на сите домови, училишта, институции и други капитални  објекти во Македонија. Но, цементот освен што е симбол на развојот на Македонија, тој е и неизоставен дел од уметноста, особено во делот на скулптурата. Со овој проект сакаме да ја покажеме фината страна на цементот, односно неговата душа. Истовремено, како компанија која континуирано соработува со заедницата на различни нивоа, преку овој проект ќе овозможиме младите талентирани луѓе да работат на дела кои ќе бидат јавно изложени“, истакна Борис Хрисафов главен извршен директор на Усје.

Студентите ќе почнат да ги изработуваат скулптурите, а темата ќе ја изберат заедно со нивните професори и ќе биде одраз на урбаната култура и современиот живот. Со студентите по вајарство на овој проект ќе работат професорите Гоце Наневски, продекан за настава на ФЛУ и Исмет Рамиќевиќ, раководител на студиската програма по вајарство.

„Оваа соработка за нас е од големо значење, бидејќи освен што добиваме материјали и алати за работа со што ќе се подобрат можностите за креативен израз на студентите, истовремено добивме и можност за изработка на скулптури што ќе бидат изложени во урбаната средина. Тоа за младите студенти е огромна можност, но и предизвик и искрено се надевам дека ќе создадеме дела што ќе бидат препознатливи“, истакна продеканот за настава на ФЛУ Наневски.

За повеќе да се запознаат со природата и карактеристиките на цементот и начинот на кој тој се произведува, студентите од ФЛУ ќе ја посетат Цементарница Усје АД Скопје, каде стручни тимови ќе им дадат повеќе информации за цементот и останатите материјали кои имаат широка примена во вајарската уметност.

Скулптурите што ќе се изработуваат во рамките на овој проект ќе бидат дел од годишната изложба што ФЛУ ја подготвува секоја година во мај, по што ќе бидат изложени на јавен простор.