Одбележување на Денот на женското претприемништво

32

Здружението на бизнис жени денеска со пригоден настан го одбележува Денот на женското претприемништво, пишува Миа.

Според последната анализа на Здружението, учеството на субјектите основани од најмалку една жена со влог над 50% во вкупниот број новорегистрирани/основани субјекти во трговскиот регистар, во последните седум години е од 25% до 27%.

“Бројот на субјекти во сопственост на жени, над 50%, и бројот на вработени во тие субјекти е многу мал во руралните средини. Овие резултати упатуваат на потребата од креирање мерки за поттикнување на женското претприемништво во Република Македонија особено во делот на зголемување на бројот на вработени во субјектите кои се во сопственост на жени како и поттикнување на деловната активност на жените во руралните средини“, велат од Здружението.

Како што стои во анализата, бројот на субјекти основани од најмалку една жена основач со влог над 50% е во континуирано опаѓање. Овој тренд го следи трендот на опаѓање на новорегистрирани субјекти во трговскиот регистар во последниве седум години.

Во Македонија во периодот кога било правено истражувањето, 2012 – 2013 година, биле активни 21.858 субјекти во сопственост на најмалку една жена кои вработуваат 44.982 лица. Вкупно 99% од овие субјекти се во категоријата микро (73,91%) и мали (25,67%).