Во организација на Британскиот совет денеска во Скопје се одржува регионална конференција за младинско претприемништво во земјите од Западен Балкан, пишува Миа.
Претставници од Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора на заедничка маса ќе расправаат за прашања поврзани со младинското претприемништво и за можностите за регионална соработка на ова поле. Поканети се 50 учесници од регионот, вклучувајќи креатори на политиките и носители на одлуки, претставници на деловниот сектор, како и млади и креативни претприемачи.
Говорници од Велика Британија и од петте земји од регионот ќе дискутираат на темата “Поттикнување на младинското претприемништво низ четири тематски области: претприемништво во образовните реформи, владини политики и мерки, гледиштата на деловните инкубатори и улогата на младинските мрежи и организации.
Како што е најавено, конференцијата треба да ја отворат министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Едмунд Гарет и регионален директор за образование во Британски совет Хелен Силвестер.
Конференцијата се спроведува како дел од проектот Поттикнување на младинското претприемништво во регионот на Западен Балкан и е поддржан од Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство и Северна Ирска и ги опфаќа петте земји од регионот: Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.