Можноста за стекнување на волонтерски искуства во земјите од Европската унија е главната тема на годинешниот настан на Европскиот волонтерски сервис, што се одржува во Скопје.
Во рамките на Европскиот волонтерски сервис сите заинтересирани лица или организации ќе можат да се информираат за моделот како да се вклучат во програми преку кои ќе се стекнат со работно искуство во различни области во компании и институции во земјите на ЕУ.
Оваа програма е наменета за сите млади лица кои имаат интерес, организации и компании кои имаат веќе вклучено волонтери во своите деловни активности, медиуми и други засегнати лица.
“Можноста преку волонтерска работа да се стекне интернационално искуство е огромна шанса и за младите, но и за организациите и компаниите кои на овој начин можат да се запознаат со најновите трендови и искуства во областите во кои делуваат и истите да ги пренесат во своето работење во Македонија. Наша главна цел е што повеќе целни групи да се информираат за потенцијалот, бидејќи бенефитите се рефлектираат и на национално и на лично ниво, во смисла на поголем професионален развој“, истакна Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
На средбата на Европскиот волонтерски сервис ќе бидат презентирани и успешни волонтерски проекти со цел да се споделат позитивните искуства.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во чии рамки се одвиваат активностите на Еразмус плус програмата, годинава обезбеди 4,7 милиони евра за аплицирање на едукативни програми во земјите од ЕУ. Конкурсот за пријавување е во тек. Покрај Европскиот волонтерски сервис во рамките на Еразмус плус програмата се одржаа и инфо денови во повеќе градови во Македонија.