Абрамович го продаде Челзи за 4,25 милијарди фунти

205

Фудбалскиот клуб Челзи на својата веб-страница ја потврди продажбата вредна 4,25 милијарди фунти (5 милијарди евра) на конзорциум предводен од Тод Боли (Todd Boehly), инаку сопственик на бејзбол тимот Лос Анџелес Доџерс.

„Челзи може да потврди дека е постигнат договор за стекнување на нови сопственици, предводени од Тод Боли“, се вели во соопштението на клубот.

Во конзорциумот на Боли се и инвестициската компанија Clearlake Capital, швајцарските бизнисмени Хансјоерг Вис и Марк Волтер.

Лиценцата на Челзи, која нејзиниот сопственик, рускиот милијардер Роман Абрамович, реши да ја продаде по руската инвазија на Украина и пред воведувањето на британските санкции, истекува на 31 мај.

Поради тоа, клубот се соочи со можност да престане со работа доколку не биде продаден или не се обнови лиценцата.

Според постигнатиот договор, новите сопственици ќе платат 2,5 милијарди фунти за акциите на клубот, се вели во соопштението, а парите ќе одат на замрзната банкарска сметка за да бидат донирани во хуманитарни цели.

Конзорциумот, предводен од американски бизнисмен, ќе обезбеди и 1,75 милијарди фунти за инвестирање во англиската Премиер лига.

Во соопштението, Челзи прецизира дека продажбата се очекува да биде завршена до крајот на мај, а за преземање е потребно одобрение од Англиската фудбалска асоцијација и британската влада, пренесе Би-Би-Си.