Adidas направи костим за капење од рециклиран отпад од океаните

56

adidas

По патиките и дресовите направени од рециклиран отпад пронајден во океаните, германскиот спортски бренд Adidas и организацијата Parley for the Oceans дизајнираа костим за капење од рециклирани рибарски мрежи и остатоци во крајбрежните области, пишува Dezeen.

Пластиката од океанот се претвора во econyl влакна што ги имаат истите карактеристики како најлон влакната што се користат за изработка на костими за капење.

Според спортскиот гигант, 50% од спортската облека за пливање е направена од рециклиран материјал, а 76% од колекцијата за базен во себе вклучува рециклиран полиамид. Од компанијата се надеваат дека сите костими за капење во иднина ќе бидат изработени од рециклиран материјал.

“Ние дизајнираме цел спектар на костими за капење за пливачи и рекреативци и преку спроведените истражувања добиваме повратни информации од спортистите и пливачките клубови. Важно е дека нашите костими за капење на подолг период се отпорни на хлор во водата“, вели директорот за дизајн на Adidas, Роџер Хан.

Parley for the Oceans е организација којашто се залага за подигање на свеста за состојбата на океаните и соработува на проекти за нивна заштита. Adidas ја поддржа оваа организација во нејзините напори да стави крај на загадувањето на океаните со пластика.