Adria Airways и Croatia Airlines во потрага по стратешки партнер

27

Фото: Pixabay

Двата најголеми авиопревозника во Словенија и Хрватска, Adria Airways и Croatia Airlines, се соочуваат со големи загуби и се во потрага по стратешки партнер, пишува Вечерње новости.

Загубата на Adria Airways е неколку милиони евра, а хрватскиот авиопревозник минатата година ја заврши со 11 милиони евра во минус.

Стратешки партнер е решение за двете компании, но потрагата по вистинскиот е тешка. Германска Lufthansa, којашто најмногу соработува со Љубљана и Загреб, не покажува доволно интерес за стратешко партнерство.

Во текот на оваа година се откажани 2,4% од летовите, пред сè оние што ја поврзуваат Љубљана со регионот. Adria Airways, исто така, се соочува со недостиг од пилоти, па во план е вработување на 50 нови.

Проблемите во Croatia Airlines траат со години, чести се заканите за штрајк, а недостасуваат и нови авиони. Но, од друга страна, забележан е рекорд во превозот на патници. Во текот на туристичката сезона, хрватскиот авиопревозник сообраќа во 38 европски одредишта во 24 земји.