АЕК: Два виртуелни мобилни оператора имаат намера да влезат на македонскиот пазар

21

aek

Два виртуелни мобилни оператора имаат намера да влезат на македонскиот пазар во 2017 година. Едниот од нив, познат во светски рамки, веќе ја потврди својата одлука, најави денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Сашо Димитријоски, пишува Миа.

“АЕК може да создава конкурентна средина и да овозможи влез на трет мобилен оператор. Дали ќе има трет фиксен оператор во 2017 година зависи од оценката на операторите по светот дали ќе најдат бизнис интерес за да инвестираат тука. Она што ние го правевме и ќе го правиме е да ослободиме фреквентен спектар. Тоа е основниот услов за да може евентуално заинтересиран оператор да се пријави на тендерот што ќе биде објавен за продавање на тие спектри“, изјави Димитријоски пред почетокот на Вториот јавен состанок на АЕК во 2016 година.

Тој оцени дека цените на двата фиксни мобилни оператора во земјава се стабилизираат по Првиот јавен состанок и нагласи дека и двата оператора ги подобруваат капацитетите на мрежите. Тоа, потенцира, го покажува Извештајот од мерењата кои се направени на територијата на целата држава што е јавно објавен на веб страницата komuniciraj.mk.

“Годинава имавме влез на еден виртуелен мобилен оператор. Има преговори за влез на уште два виртуелни оператора во текот на наредната година кои колку толку ќе ја подобрат конкуренцијата. Едниот од нив, голем на светско ниво, веќе беше на состанок кај нас и ја потврди одлуката на менаџментот дека влегуваат во Македонија. Во скоро време треба да се разрешат уште некои технички работи и очекуваме наскоро да почне со работа“, рече Димитријоски.

Во текот на 2016 година, како што посочи, корисниците најчесто се жалеле на висината на сметките за кои сметале дека се неправедно наплатени.

“Но, бројот на такви поплаки драстично се намали откако им се наложи на операторите да ги известуваат корисниците  кога се во роаминг и кога ќе достигнат сума од 1.000 денари да им се исклучува конекцијата. На тој начин се отстранува моментот, несакајќи граѓаните да потрошат големи суми на пари  кога се во роаминг. Тоа беа најчестите поплаки во минатото, а сега ги нема“, додаде тој.

Посочи дека Агенцијата ги решава поплаките на граѓаните, кои во голем дел се оправдани. Често, додаде, граѓаните се жалат и неоправдано и кога Агенцијата ќе направи детална анализа кај операторот се  доаѓа до таков заклучок.

“Договорот за роаминг за Балкан истекува следната година. Ние сме иницијатори да се продолжи и интензивно работиме и соседните држави кои не беа првично вклучени, како што  е Албанија, да се вклучат зашто голем дел наши  граѓани патуваат таму и од нивен интерес е сите да се вклучат во проектот за намалување на цените на роамингот“, изјави Димитријоски и додаде дека цените на роамингот со земјите со кои е склучен договорот ќе останат на исто ниво и доколку не биде продолжен.