АЕК на граничниот премин Табановце ќе ги информира граѓаните за пониските цени за роаминг

21

Сите граѓани кои патуваат преку граничниот премин Табановце кон земјите каде се спроведува одлуката за пониски цени во роаминг, ќе ги добијат сите потребни информации за начинот на користење на роамингот.

Надлежни од Агенцијата за електронски комуникации и директорот на Агенцијата Роберт Ордановски ќе информираат за новите поволни цени, како за начинот на избегнување на високите сметки кои се чести при патувањето.

Одлуката за пониски цени во роаминг во мобилната телефонија помеѓу Македонија, Србија и Босна и Херцеговина и Црна Гора почна да се применува од 30-ти јуни

Според договорот, за минута појдовен повик се наплаќа по 17,9 денари, а за дојдовен по пет денари. СМС порака се испраќа за 5,5 денари, а мегабајт интернет чини 43 денари. Цените се без пресметан ДДВ, а  ќе важат до 30 јуни следната година, по што ќе следи ново намалување. Тогаш минута разговор треба да се наплаќа за 14,76 денари, СМС порака 4,92 денари, а мегабајт интернет 27,6 денари. Од 1 јули 2017 година, пак, цената за минута разговор треба да чини 11,6 денари, СМС-пораката да се намали на 3,7 денари, а интернетот до 12,3 денари за 1МБ.