АЕК: Најмногу поплаки за високите сметки од телекомуникациските оператори

67

aek

Високите сметки од операторите на телекомуникацискиот пазар се најчесто пријавуван проблем во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во текот на минатата година. По нив, следат приговорите за неквалитетна услуга, ненавремена услуга, прекин, роаминг и слично, јавува Миа.

Во контакт центарот 190 на АЕК лани имало 8.410 повици, за 982 е поведена постапка за спор, а повеќе од 85% од споровите се затворени. Анализите на АЕК покажуваат дека 20% од пријавите се за услуги во говорната мобилна телефонија, а на второ место се споровите за интернет услугите во мобилната телефонија со околу 18%.

Контакт центар во АЕК функционира од мај 2010 година со цел да се обезбеди подобра комуникација со корисниците на телекомуникациски услуги. Анкетата на Агенцијата покажала дека свесноста на корисниците за контакт центарот 190 е зголемена, односно од 2,2% од испитаниците на 8,4 проценти во минатата година.

На бројот 190 сите корисници на услугите на телекомуникациските оператори можат да пријават евентуални проблеми во доменот на електронските комуникации: мобилна и фиксна телефонија, мобилeн и фиксeн интернет и телевизија во земјава.