Аеродром во Лондон добива далечинска контрола на летање

20

NATS

Фото: Nats

Аеродромот London City ќе стане првиот аеродром во Велика Британија што ќе ја замени контролната кула со далечински управуван дигитален систем, пишува BBC.

Наместо да седат во кулата, контролорите ќе бидат оддалечени околу 190 километри и ќе го следат авиосообраќајот преку HD камери. Новиот систем што треба да биде завршен во 2018 година, ќе биде тестиран една година пред да биде пуштен во употреба во 2019 година. Ваквиот систем е веќе тестиран во Австралија, Шведска, Норвешка и Ирска.

Технологијата за далечински надзор ја развива шведската компанија Saab Digital Air Traffic Solutions и е дел од програмата за развој и надградба на London City Airport, вредна 350 милиони фунти. Во надградбата е вклучена и изградба на терминал што ќе опслужува два милиони патници. Камерите ќе испраќаат снимки во живо од преку оптички кабли во базата на Nats во Хемпшир. Системот за надзор се состои од 14 HD камери коишто на контролорите ќе им обезбедат поглед од 360 степени, а исто така ќе има и две камери коишто ќе може да зумираат.

Контролорите, исто така, ќе добиваат и автоматски известувања за проблеми како залутани дронови коишто би можеле да го загрозат авиосообраќајот. Контролорите ќе добиваат и известувања за временските услови, радарски податоци и останати информации.