АЕТМ: Со македонски картички кон македонски е-трговци реализирани 17,3 милијарди денари во првите девет месеци лани

21

Во првите девет месеци од 2022 година вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство со домашни и странски картички, изнесува 25,3 милијарди денари или просечно 2,8 милијарди денари месечно што претставува пораст од 28,2 отсто во однос на истиот период од 2021 година кога се реализирани 19,7 милијарди денари или просечно 2,2 милијарди денари месечно, посочуваат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ.

Вкупниот број на направени онлајн трансакции во првите три квартали од 2022 година, нагласуваат, изнесува 12,3 милиони трансакции, што преставува пораст од 16,4 отсто во однос на бројот на направените трансакции во истиот период од 2021 година (10,5 милиони трансакции). Во текот на првите девет месеци од 2022 година се отворени 169 нови интернет продажни места.

-По значајното зголемување на реализираните онлајн трансакции предизвикани со КОВИД-19 пандемијата, позитивно е што трендот на раст продолжува и понатаму. Растот во вредноста на вкупните онлајн трансакции во првите девет месеци од 2022 година изнесува 28,2 отсто во споредба со истиот период минатата година. Очекувано е дека со враќање на животот во нормала и можноста за патување остварен е поголем пораст на онлајн трансакциите кон странство, како и од странци кон домашните е-трговци, вели претседателката на АЕТМ Нина Ангеловска.

Со тоа, додава, се менува односно намалува учеството на трансакциите кон домашни е трговци од 77 на 72 отсто во вкупните онлајн трансакции.

-Но, остварениот пораст на вредноста на онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во првите три квартали од скоро 21 отсто спрема истиот период лани, како и зголемувањето на понудата до септември оваа година со нови 169 интернет продажни места ни дава позитивни сигнали за домашната е-трговија како на страната на побарувачката, така и на страната на понудата, посочува Ангеловска и додава дека се преземаат соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија.

Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба на Народната банка во третиот квартал на 2022 година, почнувајќи од јули кога има пораст од 22,6 отсто речиси ист како порастот во јануари, во наредните месеци се намалува и во септември порастот на вкупните онлајн трансакции изнесува 9,4 отсто во однос на истиот месец од 2021 година.

Физичките лица во првите три квартали од 2022 година оствариле раст во онлајн трансакциите од 24,8 отсто, а правните лица 36,9 отсто со што е намалено учеството на физичките лица во вкупните онлајн трансакции на 69,6 отсто.

Со домашни картички кон домашни е-трговци во првите девет месеци од 2022 година остварени се 17,3 милијарди денари и е остварен раст од 20 отсто во споредба со истиот период од 2021 година. Во е-трговијата има поголем раст на вредноста на направените трансакции кон странски е-трговци, како и од странски картички кон домашните е-трговци. Поголем пораст има кај купувањето во странство со домашни картички и во првите девет месеци од 2022 година се остварени седум милијарди денари што преставува раст од 52,3 отсто во споредба со истиот период од 2021 година. Странците кон домашните трговци направиле онлајн трансакции во износ од една милијарда денари односно остварен е пораст од 37,3 отсто. Кон македонските е-трговци се слеале 18,3 милијарди денари остварени од домашни и странски картички што значи пораст од скоро 21 отсто во однос на првите девет месеци од 2021 година.

Според резидентноста на е-трговецот и издавачот на платежните картички може да се забележи дека на 28 отсто се зголемува вредноста на платежни трансакции во странство со домашни картички наспроти 23 отсто во 2021 година.