Францускиот магазин France Football предизвика бурни реакции со текстот објавен на 20 страници, во кој го обвинува Катар дека го купил Светското првенство во фудбал 2022 година.
France Football ги обвинува првите луѓе на Меѓународната фудбалска федерација (FIFA), Францускиот фудбалски сојуз (FFF) и катарската федерација за учество во заговор којшто го нарекоа Kатаргејт.
Според магазинот, претседателот на UEFA Мишел Платини бил на вечера во Елисејската палата на 23 ноември 2010 година, со поранешниот француски претседател Никола Саркози и со катарскиот принц Шеик Тамим бин Хамад Ал-Тани, кога наводно е договорено Катар да биде организатор на Светското првенство 2022.
Платини ги отфрли сите инсинуации и најави дека не ја исклучува можноста за тужба до сите што фрлиле сомнеж врз неговиот интегритет.
“Го дадов гласот за Катар потполно самостојно со желба да и се даде можност на земја која никогаш не организирала голем спортски настан”, вели Платини.
France Football велат дека имаат докази и стојат зад своето тврдење.
Во декември 2010 година Катар ги доби гласовите на челниците на FIFA и победи во конкуренција на САД, Јужна Кореја, Јапонија и Австралија.