Афирмативна амбициозност

68

ambicii

Фото: Pixabay

Квалитетот на човековиот живот е пропорционален

 на неговиот стремеж за перфекција.

Е. Т. Ломбард

Скоро и да не постои човек кој се задоволил со тоа што го има и се откажал од достигнување на своите стремежи. Амбициозноста е одлика на секој од нас, најчесто е афирмативна и нѐ води кон достигнување успех, но лесно може да ја премине границата и да има деструктивно влијание кон самата личност. Никој досега не успеал да постави прецизно ниво до кога е добро да бидеме амбициозни и кога е вистинското време да почнеме автентично да го уживаме постигнатото, без да поставуваме повисоки и повисоки цели.

Амбициозноста го води човекот кон признание, кон напредок, кон усовршување, постигнување нови знаења и вештини. За да се стекнеме со углед на работното место,  истиот треба да го заслужиме, односно да се потрудиме да се издвоиме од останатите преку нашите способности и мотивот за работа. Конструктивната амбиција ќе ни го овозможи тоа доколку ние ја контролираме неа, а не таа нас.

Поставување реални и достижни цели е еден од предусловите да бидеме сигурни дека сме на добар пат. Свесноста за сопствените можности ќе ни помогне да не се препуштиме на идеалите за невозможна кариера. Работникот секогаш има право да бара повеќе и да се труди да постигне поголем успех, но истовремено потребно е да биде свесен колку е тоа реално и колку макотрпно истото ќе го постигне. Секој успех е поттик за следен од повисоки размери, а следниот, поттик кон нов итн. Ако го посакуваме невозможното, амбицијата веројатно ќе ни стане товар од кој нема лесно да се откажеме.

За амбициозноста се смета дека е “здрава” тогаш кога со цврста волја и труд се реализираат плановите, а притоа личноста се чувствува успешна и среќна на професионално и приватно поле. Ги препознаваме таквите луѓе и за нив велиме дека се моќни, исполнети и задоволни од својата работа и живот.

Волјата за успех е корисна и нѐ води кон нови достигнувања сѐ додека не почне да се коси со способностите, реалноста и не се препушти на егоизмот и нечовечноста. Заслепени од себереализација, луѓето се подготвени да ги надминуваат препреките и себично да се движат кон целта, притоа непомислувајќи на начинот кој го користат. Секоја повисока цел бара дополнителни способности и вештини, за кои човекот, доколку не е подготвен, ќе ги искористи сите свои ресурси за очајнички да стигне до врвот, па на тој начин да ја оправда сопствената амбициозност. Ваквата амбиција е опсесивна, деструктивна и го прави човекот зависен. Кај него набрзо ќе се препознаат незадоволство, бесчувствителност, неисполнетост, а ќе опстане незаменливата потреба за успех без разлика што сѐ треба да се жртвува за истиот да се постигне. Во позадина на претераната амбициозност се крие стравот од неуспех во професионалниот или социјалниот живот, чувството на инфериорност, завидливост и ниска самодоверба. Некои работодавци дури и ја бараат ваквата амбиција кај своите вработени бидејќи ќе ја доведат компанијата во прогрес, но таа го уништува приватниот живот, по извесно време предизвикува разочарување и развива психосоматски болести.

Како и за многу останати лични карактеристики, така и за амбициозноста, златната средина ќе ја пронајдеме исклучиво доколку добро се познаваме самите себе. Ваквата средина се бара на индивидуално ниво, бидејќи сите нѐ усреќуваат различни нешта. Потребно е да си го поставиме прашањето: “Што мене ме прави среќен?”, па барајќи го одговорот ќе дојдеме и до баланс на амбициозноста. Човекот кој знае што сака, ќе успее да си постави приоритети  и секогаш ќе прави добра проценка на тоа колку треба да жртвува и колку за возврат ќе добие. Таквата амбициозност ќе ја поттикне креативноста, ќе ја развие емпатијата, ќе му овозможи на човекот квалитетен живот,  успех на професионален план и среќа на приватен. Во позадина на афирмативната амбициозност се препознава волјата за живот.