Агенцијата Публицис Македонија доби злато на Golden Drum за најдобра ПР кампања

63

Timot na Publicis2

На еден од најпрестижните адвертајзинг фестивали во регионот Golden Drum 2014 кој се одржува традиционално во Порторож, Словенија, агенцијата Публицис Македонија доби Злато за кампања за Односи со јавност.

Признанието Golden Drum е во категоријата Односи со јавност, подкатегорија: социјална одговорност за проектот насловен како Alzheimer’s News Editors реализиран за Националниот институт за неврологија.

Стручното жири меѓу 17-те финалисти и голем број на предходно  доставени проекти за односи со јавност кои конкурираа, се определи за Злато за кампањата на агенцијата Публицис Македонија. Наградата се добива за креативност како и за ефикасноста на кампањата, односно колку таа придонела за надминување на одредени проблеми во локалната заедница. Успехот на кампањата се должи и на исклучителната соработка во која беа вклучени и трите водечки национални весници и петте најголеми ТВ станици, за да се информира 68% од вкупната популација, и тоа без медиумски буџет.

“Секој наш успех е пред сѐ резултат на довербата која што нашите клиенти ни ја даваат, како и на исклучителната работа и посветеност на вработените во Публицис. Како општествено одговорна компанија отсекогаш сме настојувале да помогнеме во средината каде што работиме и живееме, и многу ни е драго што за една ваква кампања добивме награда“, изјави Александра Дилевска Симова, извршен директор на Публицис Македонија.

Целта на кампањата беше навремено да се  предупреди на симптомите од Алцхајмеровата болест, каде луѓето најчесто се сеќаваат на нешта од минатото, но не и на работи што се случуваат во сегашноста.

“Претставивме разговори со Алцхајмерови пациенти, за она што се најновите вести за нив, а од нивните одговори креиравме “вести од минатото”. На светскиот ден за борба против Алцхајмер на насловните страни на весниците беа објавени вести од минатото, а исто така  вестите на ТВ станици беа заменети со вести од минатото. Главната порака на целиот концеп беше: Ова се најновите вести за луѓето со Алцхајмерова болест” изјавија од креативниот тим  на Публицис Македонија.