Хрватскиот концерн Агрокор потпиша договор за купување на 109 возила Фиат 500L од компанијата Фиат автомобили Србија (ФАС). Возниот парк на компанијата Идеа во Србија што е во сопственост на Агрокор ќе биде заменет со автомобили произведени во Крагуевац, јавува Танјуг.
Испораката на првиот контингент ќе започне во септември, а Агрокор се одлучи за црвена боја со знакот на Идеа.
Потпретседателот за малопродажба на Агрокор, Анте Тодориќ изјави дека потпишаниот договор е почеток на соработката меѓу Агрокор група и ФАС и дека во наредниот период таа соработка би можела да се прошири.
“Горди сме што можеме да возиме вистински српски автомобил, затоа што мисијата и визијата на Агрокор е да користиме домашни производи”, нагласи Тодориќ.
Трговскиот ланец супермаркети Идеа има удел од 8% во српскиот пазар и годинава очекува приход од 800 милиони евра. Во Идеа се вработени 6.500 луѓе.