АХВ го одбележа Светскиот ден на храната под мотото: Блиску до традицијата, поблиску до природата

37

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го одбележа Светскиот ден на храната под мотото: Блиску до традицијата, поблиску до природата.

“Сакаме да ја подигнеме тенденцијата кон купување на производи и храна произведени на традиционален начин, храна со повисок квалитет, повкусна, побогата со хранливи материи. Традиционалната храна е поврзана со единствени рецепти на нашите мајки и баби. Традиционално преработената храна е дел од културниот идентитет на нашата заедница. Сакам да упатам порака за заедничко дејствување за заштита на разновидноста и комплексноста на нашата регионална храна како и одржливоста на нашите рурални заедници. Со такво дејствување ќе ги намалиме штетите кои климатските промени и елементарните непогоди ги нанесуваат на земјоделците и сточарите“, рече Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Агенцијата за храна и ветеринарство заклучи тој, даде поддршка на невладиниот сектор во реализација на информативно едукативни материјали наменети за граѓаните.

“Континуирана е соработката која ја имаме со Агенцијата за храна и ветеринарство и со Град Скопје при спроведување на програмите за заштита на потрошувачите на национално и локално ниво. Нашите активности на полето на храната и исхраната се постојани и ги препознаваме како едни од најзначајните. Минатата недела во рамките на „Зелена недела„која се одбележува во целиот свет од страна на организациите на потрошувачи, ние ја објавивме новата веб страна: www.organsisvet.mk, со која сакаме да го истакнеме поволното влијание на органската храна врз нашето здравје и животната средина. Целта ни е органските производи се почесто да се користат. Бараме националната ознака на органските производи да биде повидлива на производите со цел да се препознава од потрошувачите, а бројот на производители на оваа храна во Република Македонија да се зголемува“, рече Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Интернет страната за правилна исхрана (http://pravilnaishrana.mk) содржи доста важни информации за храната што ја консумираме и начинот на исхрана којшто треба да го практикуваме, додаде таа и објасни дека преголемото количество на масти, шеќери и сол му штети на нашето здравје. Гојазноста е присутна секаде во светот, па поради тоа барањата на организациите на потрошувачи за подобро означување на производите и намалување на овие состојки во истите од страна на производителите е дел од политиките на многу држави, а напори на овој план се прават и кај нас.

Како и минатата година и оваа, партнери во одбележувањето на Денот на Агенцијата за храна и ветеринарство и Светскиот ден на храната се дечињата од детскиот хор Златно славејче.