АХВ: Јагнешкото месо и кланиците од земјава ги задоволуваат барањата на кинескиот пазар

12

Количините за извоз на замрзнато јагнешко месо во Кина допрва ќе се договара, а рано е да се зборува и за цените, беше речено денеска по работниот состанок во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пишува Миа.

Останува извесно само дека македонското јагне и кланиците ги задоволуваат условите што ги бара кинескиот пазар.

Двете страни, и производителите и преработувачите, велат дека сточниот фонд во земјава се намалува, но, според земјоделците причина за тоа се ниските откупни цени, додека за кланичарите проблем е што и покрај државната поддршка, никој не сака да чува овци.

“Сè уште е рано да се каже колку јагнешко и по која цена ќе извезуваме во Кина. Количините допрва ќе се договараат. Битно е да ја исполниме нашата обврска, да ги отвориме вратите за пласман на сите пазари во светот, а компаниите, преку воспоставување партнерски односи, да договорат соработка“ изјави директорот на АХВ Зоран Поповски по средбата.

Покрај јагнешко, додаде, во Кина ќе има можност и за извоз на нус -производи со оглед дека тамошниот пазар е голем и не многу пребирлив.

Агенцијата за храна и ветеринарство на 26-ти ноември годинава во Пекинг потпиша Протокол за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар со Генералната администрација за надзор на квалитет, инспекција и карантин на Кина.