АХВ: Поништени или вратени 237.774 килограми небезбедна храна од почетокот на годината

25

Од почетокот на годинава досега извршени се вкупно 55.820 контроли кај операторите со храна. Како небезбедни, поради поминат рок на употреба, микробиолошка неисправност, неправилно означување и декларирање, поништени или вратени се вкупно 237.774 килограми небезбедна храна, стои во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Во пресрет на новогодишните празници, а со цел спречување на евентуална продажба на небезбедна храна на граѓаните во услови на зголемена продажба и потрошувачка, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат засилени контроли во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна на македонскиот пазар.

За констатираните недоследности со контролите (нехигиена во објектите, неправилно означување на храната, несоодветни услови на чување и складирање на храната, неводење евиденција за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, за неизвршени здравствени прегледи за бацилоносителство, како и за констатирани отстапки од декларираниот состав на храната), од страна на инспекциските служби донесени се 1.776 решенија за отстранување на недостатоците, одржани се исто толку едукации за операторите, а поднесени се и 41 прекршочна и една кривична пријава.

Како одговорна институција, од АХВ апелираат до граѓаните во пресрет на новогодишните празници, да купуваат храна од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано системите за безбедност на храната, да внимаваат на означувањето на производите како и на тоа каде тие се чуваат. Во домаќинствата важно е да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзино чување на соодветна температура. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22 или на електронската пошта info@fva.gov.mk.