Во пресрет на новогодишните празници, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), покрај редовните, почнаа со спроведување на вонредни, засилени контроли на специјализираните продавници за храна од животинско потекло (месарници, рибарници и сл.) и во угостителски објекти (хотели, ресторани).
Контролите, како што се наведува, се спроведуваат на целата територија на државата и со нив ќе бидат опфатени и туристичките места Маврово, Попова Шапка, Охрид, Струга, Берово и Дојран.
Целта на контролите е елиминирање на можноста на пазарот да се пласира небезбедна храна, спречување на евентуални труења и инфекции и заштита на здравјето на граѓаните и правата на потрошувачите.
“Како одговорна институција за безбедноста на храната, ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта [email protected]“, се вели во соопштението на АХВ.