АХВ: Засилени контроли на увозот на овошје и зеленчук

65

ovosje i zelencuk

Со почетокот на новата сезона на производство на овошје и зеленчук се зголемува и увозот на овие земјоделски производи во земјава. Поради зголемената фреквенција на пратки од регионот, Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили инспекциските контроли на граничните премини.

“Со цел да се спречи увоз на небезбедни производи на домашниот пазар и да го заштити здравјето на потрошувачите во Македонија, инспекциските служби на АХВ во изминатиот период забранија увоз на неколку пратки со овошје и зеленчук кај коишто со лабораториско испитување беше констатирано зголемено присуство на пестициди над максимално дозволените концентрации. Направена е анализа на ризик врз основа на добиените резултати од лабораториските испитувања на увозни пратки овошје и зеленчук, кај коишто се констатирани недоследности, врз основа на што се зајакнати контролите при увоз“, стои во соопштението на АХВ.

Зголемениот број на пратки, коишто се увезуваат во земјава нужно бара и повеќе време за вршење на инспекциските контроли и за земање на мостри за лабораториско испитување на овошјето и зеленчукот. Секоја пратка, вклучително и овошјето и зеленчукот, по добивањето на уреден резултат од лабораториското испитување со кое се потврдува безбедноста, без никаков застој веднаш се пласира на пазарот во Македонија.

Инспекциските контроли се спроведуваат на сите гранични премини, за секоја пратка со овошје и зеленчук, независно од земјата на потекло на пратката.