Air Serbia сериозно ќе ја разниша и онака лошата позиција на Croatia Airlines

36

jatВлегувањето на Etihad Airways во српски ЈАТ сериозно ќе ја разниша позицијата на хрватскиот национален авиопревозник Croatia Airlines (CA), но и на Аеродром Загреб во регионов, пишува Вечерњи лист. Додека Air Serbia со помош на арапски капитал ќе ја зголемува својата флота и бројот на дестинации, CA поради европското правило за заштита на пазарната конкуренција, затоа што примила државна поддршка, ќе мора да го намали бројот на авиони и на дестинации.

Договорот за стратешко партнерство ЈАТ и Etihad треба да го потпишат денес. Откако и официјално ќе станат стратешки партнери, Etihad за 49% удели во српската национална авиокомпанија ќе вложи 100 милиони долари и името од ЈАТ ќе го смени во Air Serbia. Флотата ќе ја збогати со два ербаси 319, а до крајот на годината со уште осум такви авиони. Со новите авиони Air Serbia ќе воведе уште 14 нови дестинации, кон Бејрут, Букурешт, Каиро, Киев, Љубљана, Прага, Варна…

Од друга страна, CA оваа зима веројатно ќе престане да лета од Дубровник за Франкфурт, а може да биде намален бројот на неделни летови од Загреб во Париз.

Од денес сликата на авиосообраќајот на Балканот значително ќе се смени. Арапската инвестиција во српски ЈАТ е најголемата инвестиција во областа на воздушниот сообраќај во регионов. Со денешното потпишување, Србија ќе стане центар на воздушните линии на Балканот. Ваквиот начин на работење може да биде спас и за останатите авиокомпании во земјите на Балканот. А спасот и тоа како им е потребен. Словенечкиот национален авиопревозник Adria Airways ќе оди на продажба, а BH Airlines откако го раскина договорот со Turkish Airlines пропаѓа. Единствено добро работи само Montenegro Airlines, која годинава успеа да ја преполови загубата во однос на 2012 година и го зголеми бројот на патници за 6%.