Акциите на Алкалоид, Комерцијална банка и Макпетрол најтргувани во јуни

24

makedonska-berza2

Акциите на Алкалоид, Комерцијална банка и Макпетрол се најтргувани во јуни, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со 118 трансакции или 27% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар на берзата, акциите на фармацевтската компанија Алкалоид се најтргувани во текот на минатиот месец. Зад нив се хартиите од вредност на Комерцијална банка со 78 трансакции, односно 21,29% учество во прометот на официјалниот пазар на хартии од вредност на берзата во јуни. Трети најтргувани се акциите на Макпетрол, при што се направени 69 трансакции односно 10,22% учество во вкупниот промет.

Најголем раст на вредноста минатиот месец имаа акциите на Фустеларко Борец од Битола, коишто забележаа скок од 25% и на крајот на месецот имаа просечна цена од 1.000 денари. Пораст од 9,48% во јуни имаа акциите на Стопанска банка Битола, по што просечната цена на крајот на месецот беше 1.095,85 денари. Просечната цена на една акција на Макпетрол на крајот на минатиот месец беше 18.952,08 по растот од 8,92%.

За 23,21% се намали вредноста на акциите на Факом, по што една акција имаше просечна цена од 5.530 денари. Акциите на Аутомакедонија ја намалија вредноста за 13,28%, по што чинеа 1.300 денари. Една акција на РЖ Услуги достигна просечна цена од 66 денари во јуни, по падот на вредноста од 10,81%.

Пазарната капитализација на Македонска берза во јуни изнесуваше 97.576.690.122 денари или 0,16% помалку од мај. Пораст од 17,55% се забележува кај прометот на берза, којшто минатиот месец достигна 334.670.211 денари. Бројот на трансакции се позиционираше на 925, што е за 22,03% повеќе во однос на мај. Индексот МБИ10 во јуни беше 1.706,97 поени односно 0,23% помалку во споредба со претходниот месец.