Акциите на Алкалоид, Комерцијална банка и НЛБ Банка најтргувани во јуни

21

berza-dzvonce

Акциите на Алкалоид, Комерцијална банка и НЛБ се најтргувани хартии од вредност во јуни, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со вкупно 126 трансакции и 17,61% учество во прометот на прво место се акциите на фармацевтската компанија Алкалоид. Зад нив се хартиите од вредност на Комерцијална банка со 182 трансакции или 14,50% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар на берзата. Трети најтргувани се акциите на НЛБ Банка со 91 реализирани трансакција што претставува 14,24% од вкупниот промет на берзата во јуни.

Трите акции со најголем пораст се оние на МЗТ Пумпи, Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) и Универзална Инвестициона банка. Акциите на МЗТ Пумпи забележаа скок од 198,51% и достигнаа просечна цена од 600 денари заклучно со 30-ти јуни. Хартиите од вредност на Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) достигнаа просечна цена од 30 денари поради зголемување на вредноста за 42,86%. Трети по пораст се акциите на Уни Банка со пораст од 26,60% и просечна цена од 1.969,79 денари.

Трите акции со најголем пад во јуни беа оние на Нова стоковна куќа Струмица (-33,33%), Карпош Скопје (-26,04%) и Топлификација (-14,34%).

Пазарната капитализација во јуни достигна 122.774.477.251 денари што е за 0,59% повеќе во однос на претходниот месец. Кај прометот, којшто се позиционираше на 418.088.220 денари, има пораст од 33,89%. Во текот на минатиот месец на берзата се реализирани вкупно 1.460 трансакции или 11,79% повеќе во однос мај. Индексот МБИ 10 достигна 2.282,34 поени што е пораст од 1,05%.