Акциите на Evergrande паднаа за 9,0% поради неуспешен договор за продажба

15

Акциите на кинеската градежна компанија Evergrande потфрлија за 9,0 проценти на отворањето на денешното тргување, откако беше објавено дека пропаднал договорот за продажба на дел од нејзиниот имот на холдингот Hopson Divelopment.

Во исто време, акциите на Hopson пораснаа за повеќе од 5,0 отсто во утринското тргување, пренесе CNBC.

На почетокот на овој месец, задолжениот Evergrande преговараше со помала конкурентска компанија, Hopson, за продажба на дел од својот бизнис. Меѓутоа, доцна синоќа, Hopson објави дека преговорите за купување на 50,1 проценти од акциите во Evergrande Property Services не успеале.

Во посебна изјава, Evergrande го потврди раскинувањето на договорот, кој, според извештаите на медиумите, вредел 20,04 милијарди хонгконгшки долари (2,58 милијарди американски долари).

Градежната компанија е втора по големина во Кина според продажбата и најголем издавач на обврзници на пазарите за надворешни долгови во кинеската градежна индустрија, со вкупно 300 милијарди американски долари обврски кон доверителите.

Загриженоста за финансиската способност на компанијата да го подмири својот долг, ги зголеми стравувањата дека кризата во Evergrande ќе се прошири на целиот кинески пазар на недвижности, кој заедно со сродните индустрии сочинуваат околу 25 проценти од националниот бруто домашен производ (БДП).

Денес, тргувањето со акциите на оваа градежна компанија продолжи на три берзи, по повеќе од две недели суспензија пред најавената „голема трансакција“.

Пропаѓањето на договорот со Hopson доаѓа во време кога Evergrande се приближува кон истекот на внимателно следениот 30-дневен грејс-период за исплата на 83 милиони долари камата на инвеститорите врз основа на обврзници деноминирани во американски долар. Доколку компанијата не ги плати овие обврски до сабота, тоа ќе значи технички банкрот.

Evergrande доцна синоќа објави дека од продажбата на уделот од 1,5 милијарди американски долари во Шенжинг банката кон крајот на септември, „нема материјален напредок со продажбата на другите средства на групацијата“.

Минатата недела, Ројтерс објави, повикувајќи се на сигурни извори, дека кинеската државна компанија Yuexhu Property се откажала од договорот вреден 1,7 милијарди долари за купување на зграда која е седиште на Evergrande во Хонг Конг.

Големата зависност на Evergrande од позајмување, насочена кон брзо проширување на бизнисот, е под зголемена владина контрола од минатата година, при што на компанијата и беа поставени три пати „црвени линии“ за задолжување за да го намали односот на долгот на активата, што фирмата го надмина три пати, наведува CNBC.