Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит најтргувани во март

70

makedonska-berza2

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит се најтргувани хартии од вредност во март, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со 20% учество и 267 трансакции, најтргувани се акциите на Комерцијална банка, зад нив се хартиите од вредност на Алкалоид со 17,06% учество во прометот или 155 реализирани трансакции. Зад нив се акциите на Гранит со 165 трансакции и 10,43% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар на Македонска берза.

Акции со најголем раст на официјалниот пазар на берзата во текот на март, беа оние на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) со скок од 33,33% или просечна цена од 20 денари на крајот на март. Втори по раст на вредноста се акциите на Пекабеско Кадино (19,82%), а веднаш зад нив хартиите од вредност на Окта (17,99%).

Најголем пад од 20% беше евидентиран кај вредноста на акциите на Жито Лукс, по што просечната цена заклучно со 31.03.2017 година е 13.300 денари. Следуваат акциите на Арцелормиттал (ЦРМ) со пад од 19,35% и оние на Фустеларко Борец од Битола со намалување на вредноста од 16,67%.

Пазарната капитализација на Македонска берза на крајот на март беше 121.482.832.767 денари, што е за 2,58% помалку во однос на претходниот месец. Прометот се позиционираше на 354.663.073 денари или 11,77% помалку во однос на февруари. Кај бројот на трансакции (1.519) има зголемување од 17,84%. Индексот МБИ 10 се позиционираше на 2.251,09 поени, што е за 1,99% помалку во споредба со претходниот месец.