Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол најтргувани во март

24

makedonska-berza2

Хартиите од вредност на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол се најтргувани во текот на минатиот месец, покажува месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со вкупно 206 трансакции, акциите на Комерцијална банка зафаќаат 30,40% од вкупниот промет на официјалниот пазар на акции. Зад нив се акциите на фармацевтската компанија Алкалоид, со 144 трансакции или 16,16% учество во вкупниот промет во текот на март. Трети најтргувани се акциите на Макпетрол со 49 трансакции или 14,74% од вкупниот промет на официјалниот пазар на македонски хартии од вредност.

Трите акции со најголем пораст се оние на Жито Лукс, Емо Охрид и Тетек со Тетово. Најголем пораст во текот на минатиот месец имаа акциите на Жито Лукс, чија вредност достигна 200 денари, по скок од 233,33%. Акциите на Емо Охрид пораснаа за 40% по што нивната вредност на 31-ви март беше 21 денар. Трети акции со најголем пораст се оние на Тетекс од Тетово и тоа за 26,89%, по што нивната вредност на крајот на минатиот месец беше 840 денари.

Најголем пад забележаа акциите на Арцелормиттал Скопје (ЦРМ), Осигурување Македонија Виена Иншуренс Груп и Ветекс од Велес. Вредноста на една акција на Арцелормиттал (ЦРМ) на крајот на минатиот месец беше 15 денари по падот на вредност од 25%. Хартиите од вредност на Осигурување Македонија Виена Иншуренс Груп забележаа намалување од 14,29%, по што се позиционираа на ниво од 1.200 денари. Пад од, исто така, 14,29% имаа и акциите на Ветекс од Велес, по што на крајот на март имаа вредност 810 денари.

Пазарната капитализација на Македонска берза во текот на минатиот месец беше 101.445.328.418 денари или за 0,31% помалку во однос на февруари. Пораст од 36,08% во март забележа вкупниот промет на берзата, којшто достигна 169.420.494 денари. Кај вкупниот број на трансакции (1.040) е забележано зголемување од 14,16% во однос на февруари. Индексот МБИ 10 во март се позиционираше на 1.781,03 поени или за 1,47% помалку во однос на претходниот месец.