Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол најтргувани во првото полугодие

54

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол се најтргувани на официјалниот пазар во првата половина од годината, покажува полугодишниот статистички билтен на Македонска берза.

Со акциите на Комерцијална банка се направени 1.770 трансакции и е остварен промет од 468,3 милиони денари. Потоа следуваат хартиите од вредност на Алкалоид со 1.233 трансакции и промет од 293,5 милиони денари. На трето место се акциите на Макпетрол со 1.053 трансакции и промет од 217,3 милиони денари.

Најголем пораст во првото полугодие од 2019-та имаат акциите на: Карпош Скопје (185,23%), Арцелормиттал ЦРМ (35,56%), Арцелормиттал ХРМ (33,33%), Макпетрол (30,50%) и Макошпед (27,33%).

Од друга страна, најголем пад забележаа: Агромеханика (-82,14%), Макотекс (60%), Благој Ѓорев од Велес (29,12%), Пекабеско (29,08%) и Стопанска банка приоритетни акции (-24,68%).

Пазарната капитализација во периодот јануари – јуни достигна 168.640.025.785 денари или 10,79% повеќе во споредба со истиот период лани. Прометот во пресметковниот период се позиционираше на 3.722.677.415 денари што е пад од 45,49% во однос на првото полугодие на 2018-та година. Вкупниот број на трансакции достигна 9.101 или 29,09% помалку во однос на истиот период лани. Индексот МБИ 10 достигна 3.821,61 поени или скок од 14,67% во однос на јануари – јуни лани.