Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Банка најтргувани во октомври

19

Фото: Pexels

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Банка се топ три најтргувани акции на официјалниот пазар во текот на октомври, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со 30,71% учество во вкупниот промет со 545 трансакции, најтргувани се акциите на Комерцијална банка. Зад нив се акциите на Алкалоид со 277 трансакции (12,68% учество во вкупниот промет) и НЛБ Банка со 130 трансакции се трети најтргувани на официјалниот пазар.

Најголем пораст во октомври имаа акциите на Стокопромет со скок на вредноста од 570,39% и достигнаа просечна цена од 1.200 денари. Втори со најголем раст се оние на винарската визба Тиквеш со зголемување од 16,38% и просечна цена на крајот на октомври од 6.000 денари. На трето место се најдоа акциите на РЖ Услуги со пораст од 10,18%.

“Губитници“ на Македонска берза, според податоците, во октомври се акциите на Топлификација (-23,44%), Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) (-12,02%) и приоритетните акции на Стопанска банка (-7,20%).

Пазарната капитализација во октомври достигна вредност од 166.171.956.507 денари, што е за 0,71% повеќе во однос на претходниот месец. Прометот се позиционираше на 715.116.199 денари или 47,90% повеќе во однос на септември. Пораст од 39,66% има кај вкупниот број на трансакции (2.574). Скок од 0,98% има кај индексот МБИ 10, којшто има вредност од 3.564,50 поени.