Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Банка најтргувани во првото полугодие

37

makedonska berza

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Банка се најтргувани во првите шест месеци од оваа година, покажува полугодишниот статистички билтен на Македонска берза.

Во овој период со акциите на Комерцијална банка се направени 860 трансакции или вкупен промет од 236.613.800 денари, достигнувајќи просечна цена од 2.267,84 денари. Следат акциите на фармацевтската компанија Алкалоид со 121.515.569 денари учество во вкупниот промет на официјалниот пазар на Македонска берза и реализирани 787 трансакции. Зад нив се акциите на НЛБ Банка со 228 трансакции или 56.295.107 денари промет во тој период.

Во првите шест месеци од 2016 година, акции со најголем пораст се оние на Карпош, Жито Лукс и Бетон. Скок од 369,13% забележа вредност на акциите на Карпош од Скопје, достигнувајќи просечна цена на крајот на јуни од 699 денари. Втори по раст се акциите на Жито Лукс со 233,33% или просечна цена од 200 денари. На трето место се акциите на Бетон со пораст од 55,06%, односно просечна цена од 8.530 денари.

Од друга страна, три акции со најголем пад беа оние на Трготекстил малопродажба Скопје, Арцелормиттал Скопје (ХРМ) и Оилко КДА. Една акција на Трготекстил малопродажба Скопје ја намали вредноста од 51%, достигнувајќи просечна цена од 49 денари. Следат хартиите од вредност на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) со пад на вредноста од 41,67% и просечна цена од седум денари. Зад нив се акциите на Оилко КДА со намалување на вредноста од 34,43% и цена од 4.000 денари на крајот на јуни.

Пазарната капитализација во шесте месеци од 2016 година достигна 97.576.690.122 денари, што е 2,26% повеќе во однос на истиот период лани. Прометот достигна 1.371.464.679 денари, односно зголемување од 7,12% во споредба со претходниот период. Кај вкупниот број на трансакции (5.412) има намалување од 9,12%. Индексот МБИ10 во првото полугодие на 2016 година се позиционираше на 1.706,97 поени што е пораст од 4,03%.