Акциите на Комерцијална банка, Македонијатурист и Алкалоид најтргувани во декември

46

berzanski podatoci

Акциите на Комерцијална банка, Македонијатурист и Алкалоид се најтргувани хартии од вредност во текот на декември, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Акциите на Комерцијална банка со 254 трансакции учествуваат со 45,04% во вкупниот промет на берзата во текот на минатиот месец. Зад нив се акциите на Македонијатурист со 10,11% учество во вкупниот промет или со 47 трансакции, додека на трето место се хартиите од вредност на Алкалоид со 6,05% или вкупно 125 трансакции.

Најголем “добитник“ на Македонска берза во текот на декември се акциите на Винарската визба Тиквеш со скок на вредноста за 36,84%, достигнувајќи просечна цена од 2.600 денари на 30.12.2015 година. Зад нив се акциите на Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп со пораст на вредноста од 23,30% по што просечната цена на 30.12.2015 година достгина 1.233 денари. На трето место се акциите на Топлификација Скопје со скок од 9,15% и просечна цена од 600,34 денари на 30.12.2015.

Акциите на Фруктал МАК од Скопје забележаа најголем пад од 87%, по што просечната цена на 30-ти декември достигна 100 денари. На второ место се акциите на Сковин со пад од 23,08%, додека трети акции со најголем пад се оние на Бетон со намалување од 19,69%.

Вкупната пазарна капитализација во декември се позиционираше на 102.850.635.856 денари што е зголемување од 1,80% во однос на претходниот месец. Зголемување од 4,14% е забележано кај прометот, којшто на крајот на декември изнесуваше 371.579.731 денари. Бројот на трансакции во последниот месец од минатата година беше 1.199, што е пораст од 0,59% во однос на ноември минатата година. Индексот МБИ 10 во текот на декември беше 1.833,26 поени, што претставува зголемување од 3,77% во однос на претходниот месец.