Акциите на Комерцијална банка, Македонски Телеком и НЛБ Тутунска банка најтргувани во април

27

makedonska berza

Акциите за Комерцијална банка, Македонски Телеком и НЛБ Тутутнска банка се најтргувани хартии од вредност во април оваа година, покажува месечниот статистички билтен објавен на Македонска берза.

Со 215 трансакции, односно со 27,57%, акциите на Комерцијална банка се најтрувани во април, додека зад нив се хартиите од вредност на Македонски Телеком со 99 трансакции и со 16,12% учество во вкупниот промет на Берзата. Акциите на НЛБ Тутунска банка се трети најтргувани акции со 115 трансакции и 12,77% учество во вкупниот промет.

Акциите на Тајмиште од Кичево забележаа најголем пораст во април, бидејќи вредноста на хартиите од вредност порасна за 48,77%. Потоа следат акциите на Цементарница Усје со скок на вредноста од 27,06% и оние на Прилепска Пиварница со пораст од 18,29%.

Најголем пад на вредноста на акциите во април забележа Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) со пад од 40,48%. Акциите на ФЗЦ 11 Октомври ја намалија својата вредност за 30,93%, додека хартиите од вредност на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) завршија со 21,74% во минус.

Во текот на април, пазарната капитализација на Берзата е 99.613.885.442 денари, што претставува пораст од 0,32% во однос на претходниот месец. Пад под 9,93% има кај прометот, кој што во април се позиционираше на 165.089.822 денари. Вкупниот број на трансакции во април е 1.123, што е пораст од 24,92% во однос на месец март. Пад од 3,17% е забележан кај индексот МБИ 10, што се позиционираше на 1.699,82 поени.