Акциите на Комерцијална, НЛБ Банка и Алкалоид најтргувани во мај

17

berza dzvonce

Акциите на Комерцијална банка, НЛБ Банка и Алкалоид се најтргувани во текот на минатиот месец, покажуваат податоците на Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со акциите на Комерцијална банка се направени вкупно 157 трансакции или 40,51% учество во вкупниот промет реализиран на официјалниот пазар на хартии од вредност во мај. На второ место се хартиите од вредност на НЛБ Банка со 19% учество во прометот преку 69 реализирани трансакции. Зад нив се акциите на Алкалоид со 94 трансакции или 15,17% учество во вкупниот промет во мај.

“Добитници“ на берзата во мај се Пекабеско АД Кадино, Бетон и Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп. Најголем пораст од 36,40% минатиот месец достигнаа акциите на Пекабеско, по што просечната цена на 31.05.2016 година 3.410 денари. Со скок од 25,90% на второ место се акциите на Бетон Скопје, по што просечната цена на овие хартии од вредност на крајот на месецот беше 9.064 денари. Пораст од 25% е регистриран на акциите на Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп, чија просечна вредност е 1.500 денари.

“Губитници“ на берзата минатиот месец беа акциите на Оилко КДА, Тетекс од Тетово и Арцелормиттал Скопје (ХРМ) Скопје. Пад на вредност од 34,43% беше забележан кај акциите на Оилко КДА Скопје, достигнувајќи просечна вредност од 4.000 денари. Една акција на Тетекс од Тетово на крајот на мај чинеше 662 денари, по падот на вредност од 13,91%. Пад од 12,50% забележаа хартиите од вредност на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) по што нивната просечна вредност на крајот месец мај беше само седум денари.

Пазарната капитализација на берзата во мај се позиционираше на 97.729.791.117 денари, односно 2,09% помалку во однос на април. Кај прометот (284.713.281 денари) е забележан пораст од 33,48% во однос на април. Пад е регистриран и кај бројот на трансакции и кај вредноста на индексот МБИ 10. Во текот на минатиот месец на берзата се направени 758 трансакции или 16,24% помалку во однос на април. Вредноста на индексот МБИ10 се позиционираше на 1.710,98 поени што е за 2,03% помалку во однос на април.