Акциите на Комерцијална, Стопанска и НЛБ Банка најтргувани во ноември

44

akcii

Акциите на Комерцијална банка, Стопанска банка и на НЛБ Банка се најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар на Македонска берза во ноември, покажува Месечниот статистички билтен.

Со акциите на Комерцијална банка се направени 430 трансакции, што е 42,02% од вкупниот промет на берзата во текот на минатиот месец. Следни се акциите на Стопанска банка со 241 трансакција и 9,46% учество во прометот. Потоа следат акциите на НЛБ Банка со кои се реализирани 84 трансакции, што претставува 6,68% од вкупниот промет на официјалниот пазар на Македонска берза.

Најголем раст во ноември имаа акциите на Агромеханика, забележувајќи скок од 600% и просечна цена на 30.11.2016 година од 2.800 денари. Зад нив се акциите на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) со пораст на вредноста за 83,33% и просечна цена од 11 денари на крајот на месецот. Трети акции со најголем пораст се оние на РЖ Услуги со зголемување на вредноста за 42,30%, достигнувајќи просечна цена од 124 денари.

Акциите на Попова Кула од Демир Капија на крајот на минатиот месец чинеа 12 денари, по намалување на вредноста за 20%. По нив следат акциите на Винарската визба Тиквеш со пад на вредноста од 19,88% и просечна цена од 2.003 денари. Трети акции со најголем пад на берзата во ноември беа оние на Жито Лукс Скопје со просечна цена од 166 денари по намалувањето за 16,58%.

Пазарната капитализација во ноември изнесуваше 120.505.273.902 денари, што е пораст од 6,72% во однос на претходниот месец. Кај прометот, којшто се позиционираше на 439.243.698 денари, е забележан пораст од 61,56%. Скок е евидентиран и кај вкупниот број на трансакции (2.045) за 40,36%. Индексот МБИ 10 во ноември достигна 2.206,82 поени, што е за 6,16% повеќе во однос на октомври оваа година.