Акциите на Макпетрол, Алкалоид и Комерцијална банка најтргувани во септември

20

makedonska berza

Акциите на Макпетрол, Алкалоид и Комерцијална банка се најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар на Македонска берза во текот на септември, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со вкупно 183 трансакции, акциите на Макпетрол зафаќаат 25,28% учество во прометот остварен на официјалниот пазар на Берзата во текот на минатиот месец. Со акциите на Алкалоид се направени 153 трансакции, што е 20,15% учество во вкупниот промет, додека зад нив се хартиите од вредност на Комерцијална банка со 115 трансакции и учество од 13,29% во прометот во септември.

Најголем пораст во септември имаа акциите на Нова стоковна куќа Струмица, со скок од 287,61% и просечна цена од 92.250 денари на крајот на септември. Пораст од 57,14% имаа акциите на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) по што просечната цена на 30.09. изнесуваше 11 денари. Трети акции со најголем пораст беа оние на Пекабеско АД Кадино со 46,66% зголемување на вредноста, достигнувајќи 5.001 денари.

Акциите на Макстил се најголеми “губитници“ во септември, бидејќи забележаа пад на вредноста за 17,37% или 58 денари за акција. Потоа, следат акциите на Аутомакедонија со намалување од 7,69% и просечна цена од 1.200 денари. На трето место се акциите на Макпетрол со пад на вредноста од 5,21% и просечна цена на крајот на септември од 24.362,52 денари.

Пазарната капитализација во септември достигна вредност од 106.683.0825.778 денари или пораст од 0,74% во однос на август. Кај прометот, којшто се позиционираше на 156.578.963 денари, има намалување од 14,38% во септември. Во текот на минатиот месец се реализирани 960 трансакции или 5,60% помалку во однос на август. Индексот МБИ10 достигна 1.954,40 поени, што е пад од 0,50% во однос на претходниот месец.