Акциите на Макпетрол, Алкалоид и Стопанска банка најтргувани во април

178

berza-dzvonce

Акциите на Макпетрол, Алкалоид и Стопанска банка се најтргувани хартии од вредност во април, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со 75 трансакции и 41,21% учество во прометот на официјалниот пазар, најтргувани се акциите на Макпетрол. Зад нив се хартиите од вредност на Алкалоид со 123 трансакции и 13% учество во вкупниот промет. На трето место се хартиите од вредност на Стопанска банка со 96 трансакции и учество од 10,56% во вкупниот промет на официјалниот пазар.

Најголем пораст во април забележаа акциите на Аутомакедонија со 9,49% и просечна цена на 28-ми април од 1.650 денари. Потоа, следат акциите на Бетон со скок од 8,33% и просечна цена од 12.999 денари. Трети акции со најголем пораст се акциите на Топлификација со 8,05% и просечна цена од 940 денари заклучно со 28-ми април 2017 година.

Најголемо опаѓање во април имаа овие три акции: Арцелормиттал Скопје (ХРМ) со пад од 35%, Арцелормиттал Скопје (ЦРМ) со намалување од 16% и хартиите од вредност на Комерцијална банка со пад на вредноста од 10,65%.

Пазарната капитализација во април беше на ниво од 120.787.028.307 денари, што е пад за 0,57% во однос на претходниот месец. Вкупниот промет во април изнесуваше 278.172.684 денари, што е пад од 21,57% во споредба со март. Вкупниот број на трансакции во април достигна 847, што е за 44,24% помалку во однос на претходниот месец.

Индексот МБИ 10 се позиционираше на 2.174,33 поени, што е пад од 3,41%.