Акциите на Макпетрол, Комерцијална банка и Алкалоид најтргувани во август

27

makedonska berza

За инвеститорите во хартии од вредност минатиот месец најатрактивни беа акциите на Макпетрол, Комерцијална банка и Алкалоид, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Со акциите на Макпетрол се направени 167 трансакции, што е 30,89% учество во прометот. Зад нив се акциите на Комерцијална банка со 145 реализирани трансакции или 20,04% во прометот во текот на минатиот месец. Со акциите на Алкалоид се направени 149 трансакции, што е 16,52% од прометот реализиран на Официјалниот пазар на Македонска берза.

Скок од 63,23% во август имаа акциите на Макстил Скопје, по што просечната цена на 31-ви беше 70,19 денари по акција. Втори по раст на вредност се акциите на Окта со пораст од 46,19% и просечна цена од 1.630 денари. Зад нив се приоритетните акции на Стопанска банка Скопје со зголемување на вредноста од 34,07%, по што просечната цена беше 484 денари.

Најголем пад во текот на минатиот месец имаа акциите на Факом – 8,59%, достигнувајќи просечна цена од 5.055 денари. Потоа, следуваат акциите на Раде Кончар, каде што падот е 3% и просечната цена на крајот на месецот достигна 1.358 денари. Трети акции со најголем пад се оние на РЖ Техничка контрола, коишто имаат вредност од 374 денари или намалена за 2,86%.

Пазарната капитализација во август достигна 105.895.923.313 денари или 4,36% пораст во однос на претходниот месец. Прометот во текот на минатиот месец беше на ниво 182.876.525 денари, што е намалување од 37,27% во однос на јули. Во пресметковниот период направени се 1.017 трансакции, 3,88% повеќе во однос на јули. Индексот МБИ 10 е зголемен за 5,87%, позиционирајќи се на 1.964,31 поени.