Акциите на ТТК, Комерцијална банка и Алкалоид најтргувани во ноември

35

makedonska berza

Акциите на ТТК банка, Комерцијална банка и Алкалоид се најтргувани во ноември, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Хартиите од вредност на ТТК банка учествуваа со 36,41% во вкупниот промет на берзата со вкупно 19 трансакции. Следат акциите на Комерцијална банка со вкупно 256 трансакции и 19,54% учество во вкупниот промет на Македонска берза минатиот месец. Акциите на Алкалоид се тргувани 159 пати и зафаќаат 13,49% во вкупниот промет.

Најголем раст на акциите изминатиот месец оствари РЖ Техничка контрола со пораст од 28,57%, достигнувајќи просечна цена од 450 денари на 30-ти ноември. Со пораст од 26,67% се најдоа акциите на Винарската визба Тиквеш, чијашто просечна вредност на крајот на ноември беше 1.900 денари. На трета позиција се најдоа хартиите од вредност на Окта со пораст од 25,17% и просечна вредност на крајот на месецот од 751 денари по акција.

Пад од 16,67% забележаа акциите на Макошпед, чија просечна вредност на 30.11. беше 100 денари. Зад нив, со пад од 16,24% се најдоа хартиите од вредност на Фершпед и достигнаа 39.000 денари. Акциите на Арцелормиттал се трети акции на берзата со најголем пад – 13,33% и на крајот на минатиот месец имаа просечна вредност од 13 денари.

Пазарната капитализација во ноември беше 101.031.796.246 денари, што е зголемување од 2,06% во однос на претходниот месец. Значителен пораст од 54,97% има кај прометот, којшто на крајот на ноември се позиционираше на 356.804.546 денари. Скок од 29,99% е забележан кај бројот на трансакции, којшто во пресметковниот период е 1.192. Индексот МБИ 10 во ноември е 1.766,59 поени и има пораст од 2,24% во однос на претходниот месец.