Акциите пораснаа затоа што Ма – отпатува во Европа?

81

Акциите на Алибаба котирани на берзата во Хонг Конг денеска скокнаа за дури 9 проценти. Ова се случи по извештајот дека основачот на овој технолошки гигант, Џек Ма, отпатува во Европа, и по вестите за новиот чип за зголемување на капацитетот за компјутерски облак на оваа компанија.

Во текот на трговскиот ден акциите на Алибаба делумно паднаа, но сепак беа затворени на плус 6,6 отсто, пренесува CNBC. Магазинот Ист вик објави вчера, повикувајќи се на неименувани извори, дека Ма патувал во Шпанија викендов со милијардери пријатели и деловни партнери.

Кинескиот дневен весник South China Morning Post, кој е во сопственост на Алибаба, подоцна објави статија во која се наведува дека Ма е на патување во Шпанија во врска со еколошките прашања во областа на земјоделството и технологијата. Од Алибаба не беа достапни за коментар, додава CNBC, и потсетува дека во медиумите имаше интензивни шпекулации за тоа каде се наоѓа Ма откако тој “се изуби“ од видот на јавноста во октомври минатата година по говорот во кој ги критикуваше кинеските финансиски регулатори.

Американската телевизија забележува дека во јануари оваа година, кога Џек Ма првпат се појави по октомврискиот говор, акциите на Алибаба исто така скокнаа тој ден.

Денешниот пораст на цената на акциите на Алибаба придонесе и веста, објавена во вторникот, дека компанијата лансираше нов чип за сервери во обид да ги зголеми своите способности за облачни услуги.

Кинескиот гигант објави дека планира да отвори нови центри за податоци во Јужна Кореја и Тајланд следната година со цел да продолжи да го проширува својот „облак бизнис“ во странство.