Акционерите во светот “посиромашни“ за 263 милијарди долари дивиденда

30

По огромниот пад на исплатата на дивиденда во вториот и третиот квартал од оваа година, акционерите во светот би можеле да останат “посиромашни“ за 263 милијарди долари до крајот на годината. Дивидентите единствено растат во Кина и Хонгконг.

Меѓу првите 10 компании што во третиот квартал исплатиле најголема дивиденда, три се од Кина. Сепак, Microsoft е таа компанија за којашто се прогнозираше дека оваа година ќе исплати најголема добивка на акционерите.

Глобалниот износ на дивиденда исплатен оваа година ќе биде помал од 17,5 до 20%, односно за околу 263 милијарди долари поради пандемијата, пренесува Бизнис и Финансии.

Иако најновата проценка е поповолна во однос на оние кои ги изнесоа финансиските аналитичари на самиот почеток на кризата, ова е најголем пад од 2009-та година, кога глобалната финансиска криза достигна кулминација.

Инаку, дивидендите се главен извор на заработка од вложување во акции за долгорочните инвеститори, како што се пензионерските фондови. Но, за да ја издржат кризата предизвикана од коронавирусот, светските компании во третиот квартал исплатиле 329,8 милијарди долари дивиденда на акционерите што е за 55 милијарди долари помалку, односно за 11,4% помалку во споредба со истиот период лани.

Анализирајќи ги најголемите пазари на капитал во светот, најмногу загубија акционерите во Велика Британија, каде што дивидендите се пониски за 42%, по што следи Австралија со пад од 40% и Јапонија со 16%.

Фото: Freepik